08.03.2023 Скопје
Денеска Собранието ја одржува 107. седница, прва седница која е исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост. Истовремено се одбележува и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички. На дневен ред е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија.
На седницата присуствуваат министерките и заменичките-министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор и од домашни и меѓународни невладини организации кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички од формирањето во 2003 до денес.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери по повод Меѓународниот ден на жената упати порака до пратеничките да бидат гласни, храбри, бестрашни, водилки во градење на похумано, демократско и рамноправно општество. Најави дека традиционално секој 8-ми Март Собранието ќе одржува седница посветена на унапредувањето на состојбите на родовото прашање и родовата еднаквост во државава.
Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во денешното обраќање рече дека се евидентни позитивните промени во подобрување на положбата на жената и унапредување на родовата еднаквост. Како што рече, напредок имаме постигнато но, тој се уште не е доволен за да кажеме дека во државата имаме потполна родова еднаквост. Воедно, напомена дека Република Северна Македонија има широка правна рамка за промовирање и воспоставување еднакви можности на жените и мажите која овозможува унапредување на положбата на жените во сите сфери на општественото живеење. Во изминатиот период, како што рече, донесени се значаен број на закони што се однесуваат на заштита на човековите права и слободи и овозможувањето на еднакви можности на жените и мажите.
Тренчевска, исто така, потсети на неколку значајни закони, меѓу кои Законот за еднакви можности на жените и мажите, донесен во 2006 година, а унапреден со донесувањето на нов Закон во 2012 година.
Посочи и на измените на Изборниот законик во 2015 година, со што, како што потенцираше, се подобрија законските решенија за учество на жените и мажите на кандидатските листи за членови на Парламентот и на локалните избори. Воедно, потенцираше дека Република Северна Македонија ги има ратификувано сите значајни меѓународни документи што се однесуваат на правата на жените и како такви тие се интегрирани во националното законодавство и силно се одразуваат во државните политики.
Подготвено од А.Ѓ.