denari

21.03.2023 Скопје

На седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) каде што било договорено во работните групи што ќе работат за законските измени да бидат вклучени и синдикатите, македонските синдикати од Владата побараа итно да се повлече и доработи предложениот колективен договор и предлог-законот за плати во јавниот сектор, што за нив во понудената форма е неприфатлив. Во оваа работна група ќе има и претставници од кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Министерствата за труд и социјална политика, за економија, за финансии, за информатичко општество и администрација, како и Организација на работодавачи и Бизнис конфедерацијата.

Синдикатите велат дека откога ќе се изготви предлог-текст за општиот колективен договор, дополнително уште еднаш да се разгледа на следна седница на ЕСС.

Од Сојузот на синдикатите на Република Северна Македонија повторија дека за сите синдикати од јавниот сектор законот е неприфатлив, истакнувајќи дека се здружени во однос на ова прашање.

Трпе Деановски од Сојузот на синдикатите на Република Северна Македонија уште пред неколку недели, инициран од Синдикатот на самостојните клинички центри, кога се одржаа протестите на лекарите и здравствените работници реагираше на предложеното законското решение за општиот колективен договор и законот за плати.

„Потпишана е декларација од сите синдикати во јавниот сектор – ССМ, КСС, СОНК, КСОМ дека нема да го прифатиме овој предлог текст и бараме нов каде што ќе бидат вметнати синдикатите во работни групи за подготовка на законот и дека не се согласуваме со методологијата за утврдување на платитe“, рече Деановски и додаде дека усогласувањето на платите не е доволно за да се смета како нивно покачување.

И од Независниот синдикат на полицијата, се задоволни од понудените измени, бидејќи како што велат ќе има голем проблем бидејќи се занемаруваат правата на работниците во МВР. Со нивниот став се согласуваат и од Конфедерацијата на синдикални организации на Република Северна Македонија коишто посочија на повеќе забелешки од колективниот договор. Инфлацијата ги јаде платите, а многу од нив веќе се доближија и до минималната плата, која од март е 20.175 денари.

Од Министерството за труд и социјална политика, кои се истовремено изготвувачи на законските измени, велат дека се работи за сложен и комплексен закон, кој бара посебно внимание, затоа сугестиите и мислењата на сите страни се од големо значење.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author