20.03.2023 Скопје
Министерката за одбрана Славјанка Петровска за време на средбата со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, Роберт Бриегер, се заблагодарила за помошта од девет милиони евра со која ЕУ го поддржува процесот на опремување и модернизација на Армијата на земјава. Воедно, има нагласено дека ваквата помош покажува дека интересот за сè поблиски односи на релација Република Северна Македонија – ЕУ е голем.
Утринава, министерката Петровска порачала дека од увозник на безбедноста, Република Северна Македонија стана столб на регионалната безбедност и стабилност.
На состанокот со шефот на Воениот комитет на ЕУ, Петровска истакна дека потврда за сето тоа е „нашето учество во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА од 2006 година, како и нашето учество во борбените групи на Унијата, а исто така и досега 363 армиски припадници беа дел од АЛТЕА, додека во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република учествуваа шест армиски офицери“.
Претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, Роберт Бриегер за време на средбата изразил задоволство што и двете страни се амбициозни во намерата да ја зацврстат одбранбената соработка и се заблагодарил за долгогодишното учество на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисии и операции на Унијата.
Од денеска министерката Петровска е во неколкудневна работна посета на Брисел, каде што на покана на високиот европски претставник Жозеп Борел ќе учествува и ќе се обрати на првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман, а ќе има и повеќе засебни средби со високи претставници на НАТО и ЕУ.
Целта на Безбедносно-одбранбениот форум Шуман е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој ќе се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.
Подготвено од А.Ѓ.