29.03.2023 Скопје
Претседателот Стево Пендаровски смета дека нема да пропадне Република Северна Македонија, ако малкубројната бугарска етничка заедница влезе во Уставот.
„Нема да пропадне државата ако ги вметнеме Бугарите во Уставот кои на број се нешто над 3 илјади луѓе. Македонската сувереност нема да се загрози, ниту пак европскиот пат ако се направи овој чекор“, изјави Пендаровски со порака дека за да се достигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е потребно да се разговара со опозицијата, потенцирајќи дека не постои друг пристап освен разговори.
Во врска со формирањето на експертска група за изготвување на уставни амандмани и дали, ако ВМРО-ДПМНЕ одбие учество со свои членови, тој ќе предложи свои членови и ќе повика на лидерска средба, Пендаровски истакна дека ако опозицијата реши да не учествува ниту на експертско, ниту на политичко ниво, бескорисно „ќе бида јас да се понудам за решавање на проблемот“. Воедно, тој смета дека може да ја повика опозицијата да учествува и може да потсети дека всушност „зборуваме за прашања кои сме ги решиле пред дваесетина години со формулација“.
За тоа дали е можно да се добијат нови условувања со нови прашања, Пендаровски истакна дека условите кои последниве две години ни ги поставува Бугарија никој не можеше да ги предвиди ниту во Брисел, ниту тука, затоа што во 2017-2019 година, „кога правевме уставни измени и променивме име, беше ветено дека нови барања нема да има“, а во тој консензус беше и Бугарија. Воедно, додаде дека референдумското прашање за Република Северна Македонија беше дали да се додаде Северна во името за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ и поради тоа верува дека нови барања нема да има.
Претседателот Пендаровски ги оправдува прашањата на граѓаните за тоа дали ќе има и нови барања од друга или истата земја и доколку се направат уставните измени. Тој верува дека такво нешто нема да се случи, затоа што кредибилитетот на ЕУ, како заедница-шампион за почитување на човекови права, „сега е овде драстично нарушен затоа што сме единствена земја која името го сменила, а чека во предворјето на ЕУ“.
Подготвено од А.Ѓ.