21.03.2023 Скопје
Во седиштето на УНЕСКО во Париз, претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе се обратат на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Пендаровски.
На настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамки на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“ работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов „Патот по кој чекорам“.
Во рамки на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата, 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62 издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Подготвено од М.Н