28.03.2023 Скопје
Денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека сега е потребно „да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што ти се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците“.
Османи смета дека процесот не треба да се оптовари со други политички прашања, коишто веројатно ќе го поларизираат општеството уште повеќе.
Во одговор на новинарско прашање во однос на промената на Уставот, го пренесе личниот став и посочи дека во моментот не е запознаен со изјавата и намерата на министерот за правда при отворањето на Уставот да бидат регулирани и други прашања коишто политичките партии бараат да се регулираат.
Според Османи, „сега треба да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците и тоа што го кажувам постојано е едноставно потврдување на тоа што имплицитно е веќе во Уставот“. Тој, воедно, објасни дека во категоријата „други“, во Преамбулата и во останатите членови каде што се спомнуваат заедниците, се подразбираат сите тие коишто се набројани во пописот.
Според него, формално – правно нема разлика, туку повеќе е прашање на симболика дека еднакво се третираат сите граѓани и не се делат на заедници и други, туку сите се набројуваат.
Подготвено од А.Ѓ.