28.03.2023 Скопје
Орторексијата, нарушување во исхраната предизвикано од опсесија со здрава храна, станува сериозен медицински феномен.
Станува збор за релативно нов и недоволно истражен поим кој својот термин и концепт го доби кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, благодарение на американскиот лекар Стивен Братман.
Лекарите орторексијата ја нарекуваат и „диететски перфекционизам“, бидејќи кај луѓето кои страдаат од неа, изборот на храна станува толку рестриктивен (и во однос на калориите и во однос на видовите на храна) што го загрозува здравјето.
Луѓето кои патат од орторексија се опседнати со здрава храна и психички се преокупирани со нејзиното потекло и начините на подготовка.
Јадат само „здрава“, „правилна“, „биолошки чиста“, „добра храна“, а избегнуваат „нездрава“, „погрешна“, „лоша“ и „валкана“.
Орторексијата најмногу им се заканува на луѓето кои знаат многу за храната, студентите по нутриционизам, спортистите (бодибилдери и фитнес индустрија), потоа луѓето склони кон психо-соматичност, односно популацијата која страда од физички симптоми без утврдена медицинска причина.
Луѓето со симптоми на орторексија си наметнуваат многу ригидни правила и ограничувања, чие прекршување предизвикува вознемиреност, срам, самоосудување, вина, депресија.
Сето тоа доведува до негативни последици по психичкото и физичкото здравје и сериозно го нарушува секојдневното функционирање.
Луѓето кои страдаат од орторексија се плашат дека нема да можат да се хранат „правилно“ надвор од својот дом и да избегнуваат храна подготвена од други. Тие, исто така, се дистанцираат од пријателите и членовите на семејството кои не споделуваат слични ставови за храната, што доведува до социјална изолација и осаменост.
Кај таквите лица можни се нагли промени во расположението и развој на депресија, како и напади на паника доколку не можат да консумираат „правилна“ храна.
Последиците од оваа болест често се дефицит на есенцијални хранливи материи и гладување, што доведува до губење на тежината и неухранетост.
Кај жените можна последица е нарушување на менструалниот циклус за неколку месеци.
Подготвено од А.Ѓ.