31.03.2023 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека војната во Украина е „загрижувачка и опасна“ и дека не е претерување да се каже дека постои реална опасност од светска војна.
Орбан додаде дека „се повеќе се носат одлуки за употреба на понови и посилни оружја“, и дека „Западот и испраќа на Украина сè посовремена опрема“.
„Додека, од една страна, можеби звучи како претерување кога некои европски и американски лидери велат дека ако се продолжи вака, може да дојде до трета светска војна, тоа е реална опасност“, посочи Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека војната станува се покрвава и брутална, но дека бројот на европските земји и лидери кои го поддржуваат мирот не е зголемен.
„Во исто време, луѓето во Европа почнаа повеќе да зборуваат за прекин на огнот, мировни преговори, но бројот на жртвите се зголемува“, додаде тој.
Орбан истакна дека предлогот на Будимпешта за решавање на кризата во Украина се однесува на прекин на огнот.
„Унгарскиот парламент ќе усвои резолуција што ќе ја одразува нашата позиција, бараме мир и прекин на огнот“, рече Орбан.
Тој додаде дека унгарскиот предлог не е за тоа каков тип на мировен договор треба да се потпише, туку дека се работи само за прекин на огнот.
„Мора да се постигне прекин на непријателствата. Повеќе не смеат да се губат човечки животи. Откако ќе дојде до прекин на огнот, се создаваат шанси за мировни преговори“, рече Орбан.
Подготвено од А.Ѓ.