28.03.2023 Скопје
Општина Карпош денес објави дека започнува акција за субвенционирање на младите жители на локалната самоуправа кои сакаат да полагаат за возачка дозвола, Б категорија, при што со вкупен буџет од 5.000.000 денари преку Секторот за развој целосно ќе ги покрие трошоците за обука од теоретскиот и стручниот дел од испитот.
Јавниот повик за субвенционирање ќе трае до исцрпување на средствата за оваа намена и ќе функционира по принципот „Прв дојден, прв услужен“.
Право на пријавување имаат сите заинтересирани физички лица кои се жители на Општина Карпош и ги исполнуваат следниве критериуми:
1. Секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање за полагање на стручен дел за возачка дозвола мора да е жител на Општина Карпош минимум три (3) години до денот на поднесување на барањето.
2. Ќе се субвенционираат млади лица кои во 2023 година ќе наполнат 18 години, односно право на поднесување имаат сите млади лица кои во 2023 веќе имаат наполнето 18 години, вклучително и оние кои сѐ уште не наполниле 18 години, а се родени во 2005 година.
3. Ќе се субвенционираат само оние лица кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање на возачки испит за Б категорија, во авто школи кои се избрани преку Јавен повик со Одлука бр.11-1172/7 од 21.03.2023 година.
4. Ќе се субвенционираат само оние лица кои ги исполнуваат горенаведените критериуми и уплатиле во авто школите на денот или по денот на објавување на Јавниот повик (28.03.2023).
Во овој јавен повик вклучени се следните автошколи:
– Друштво за сообраќајна едукација АВТО ШКОЛА СМАРТ ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за спроведување оспособување на кандидати за возачи АВТО ШКОЛА МОБИЛИТИ ПЛУС ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за туризам, транспорт и услуги БОБИЕМ ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за сообраќај и услуги СИГУРНОСТ ГТБ ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за сообраќај, промет и обука на возачи СОФИ СКУЛ ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за промет, услуги и сообраќајно воспитување ТРИМОСКИ ДООЕЛ Скопје;
– Друштво за сообрќајно воспитување ШКОРПИОН ЕДУКАЦИЈА Скопје;
– Друштво за промет на мало и големо и обука на возачи АВТОМАК ГОЦЕ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Општина Карпош ќе покрие 100% од износот кои се наплатува за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б категорија. Во случајов, истиот износ е утврден како минимална цена за обука во Правилникот за минимална цена, за оспособување на возачи во авто школа за следење на обуки од теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за Б категорија, согласно минималните пресметани елементи на вредност.
По поднесувањето на документацијата, апликантите ќе бидат известени во писмена форма, дали ќе бидат корисници на средствата за субвенции за посетување на обуки за теоретски и практичен дел, за полагање на возачка дозвола (Б категорија) од Општина Карпош.
Подготвено од А.Ѓ.