30.03.2023 Скопје
Генералното собрание на Обединетите нации во текот на вчерашниот ден усвои резолуција за да побара мислење од главниот правосуден орган на светската организација за обврските на земјите за справување со климатските промени.
Резолуцијата, изнесена од Вануату и усвоена со консензус, бара необврзувачко советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП) за обврските на државите во однос на климатските промени.
Прашањата што треба да ги разјасни МСП вклучуваат „кои се обврските на државите според меѓународното право да обезбедат заштита на климатскиот систем и другите делови на животната средина од антропогени емисии на стакленички гасови“, се вели во резолуцијата.
Резолуцијата, исто така, изразува сериозна загриженост дека целта на развиените земји заеднички да мобилизираат 100 милијарди американски долари годишно до 2020 година „во контекст на значајни акции за ублажување и транспарентност при спроведувањето“ сè уште не е исполнета и ги повикува развиените земји да ја исполнат целта.
Во забелешките до Генералното собрание пред гласањето, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази надеж дека советодавните мислења на МСП можат да дадат појаснување за постоечките меѓународни правни обврски.
Подготвено од А.Ѓ.