dojavi za bombi

07.03.2023 Скопје

Во сила се нови упатства, мерки и планови за справување со кибер заканите, според кои по проценка на ризик ќе се преземаат мерки, но без да се нарушува образовниот процес во училиштата. Се преземаат истражни дејствија за секоја дојава што пристигнува, а веќе има сознанија дека дел од нив потекнуваат од земјава, но и од ВПН адреси во Русија и Иран.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека состојбата е целосно под контрола, а полицијата ќе биде во секое од училиштата и во сите институции.

Спасовски посочи дека е направен оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараат соодветни решенија за да се најде поинаков пристап кон електронските закани, исто така, нагласувајќи дека е донесено ново упатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство. Истражните постапки, посочи тој, веќе имаат одредени сознанија за тоа од каде доаѓаат лажните закани.

„Генерално последните неколку дена според форензиката што се прави во МВР дојавите одат преку ВПН (виртуелни приватни мрежи) адреси, меѓутоа почетните се јавуваат од Иран и Русија. Важно е да се истакне дека тие ВПН адреси се платени преку крипто-валути, што дополнително ја отежнува можноста да се утврди точниот извршител на ова кривично дело. Имаме веќе изолирано во истражната постапка одредени сознанија за луѓе кои тоа го правеле и од територија на Република Северна Македонија. Таа истрага е во напредна фаза и кога за тоа ќе дојде моментот, ќе ја информираме јавноста“, изјави Спасовски.

Согласно со новите протоколи, Спасовски посочи дека МВР ќе известува доколку има каква било реална закана, додека се останато, како нереални закани со низок степен на веројатност, ќе се пренесуваат до степен, до кој што треба да бидат пренесувани.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска информира дека веќе се испратени дописи до сите градинки како да се постапува и како да се заштитат децата од какви било дојави за бомби.

Од 19 октомври минатата година заклучно со вчера со лажните дојави во земјава биле опфатени повеќе од 520 објекти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author