18.03.2023 Скопје
Денеска во Охрид ќе се одржи средба на еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
На средбата ќе се разговара за договор за имплементација на европскиот предлог.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека позицијата на Србија ќе биде потешка поради налогот на МКС за апсење на рускиот претседател и порача дека нема да потпише ништо во Охрид.
Состанокот, кој е свикан од високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ќе започне во 10 часот. Воедно, дијалогот ќе се одвива со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Најпрво ќе се одржат одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти, една по друга, со почеток во 10:30 часот, по што ќе следи заедничка трилатерална средба. На крајот од средбата е предвидена изјава на Борел за медиумите.
Вчеравечер, Вучиќ изјави дека поради налогот издаден од Меѓународниот кривичен суд во Хаг за апсење на рускиот претседател, позицијата на Србија во Охрид ќе биде потешка. Тој нагласи дека сака да разговара за нормализација на односите и дека Србите и Албанците можат нормално да разговараат.
Косовскиот премиер Албин Курти истакна дека е за целосна нормализација на односите меѓу Србија и Косово, но има забелешки на планот за формирањето на Заедницата на српските општини што всушност е клучното барање на Белград. Тој додаде и дека Србија не може да бара формирање на ЗСО во држава што не планира никогаш да ја признае.
Жозеп Борел пред средбата посочи дека е време за договор меѓу Белград и Приштина за спроведување на договорот за нормализација на односите. Воедно, истакна дека е време Белград и Приштина дан преземат одговорност и да направат чекор кон ЕУ.
Европската дипломатска служба соопшти дека Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен по телефонски разговор пред дијалогот во Охрид се согласиле дека сега е вистинско време да се преземат значајни чекори во интерес на евроинтеграциите на Белград и Приштина.
Подготвено од А.Ѓ.