24.03.2023 Скопје
На средбата на премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок, беше истакнато дека Германија стои до Република Северна Македонија за следниот исчекор на државата во европските интеграции.
Како што информира владината Прес-служба, на средбата е истакнато долгогодишно искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година.
Премиерот Ковачевски го поздрави доаѓањето на министерката Бербок во уште еден важен момент за Република Северна Македонија.
На состанокот е поздравена и 100-процентната усогласеност на надворешната политика на Република Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а премиерот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена и како претседавач со ОБСЕ да придонесе во процесите за поголема стабилност во севкупната европска безбедност.
На средбата е истакнато и значењето на Берлински процес како движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво и како иницијатор на акционите планови за Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената агенда.
Подготвено од М.Н.