334913385_1909500209397133_2729168826814101745_n

11.03.2023 Скопје

Ана Павловска Данева, професорка на правниот факултет „Јустинијан Први“, смета дека политичката волја и искреност на една влада, особено на политичката партија која го добила мнозинството, се отсликува и во тоа колку е конзистентна во спроведување на политиките во одредени ресори и во поглед на тоа кои ресори одлучила да ги земе владеачката политичка партија.

Професорката Павловска Данева истакна дека последните министри не само што нема да можат да спроведат некакви реформи во рок од една година, бидејќи не постои држава во светот во која во една година се спровела било каква реформа, туку и претходните министри, конкретно за Правда и за Информатичко општество и администрација, ресори во кои се очекуваа клучните реформи на новата владеачка елита, не можеа да бидат спроведени. Воедно, додаде дека власта во 2017 година беше сменета врз основа на паролата „Нема правда, нема мир“, што значи дека „најкрупните реформи ги очекувавме токму тука“.

Статистиката покажува дека од тој момент, до денес се сменети пет министри.

Што значи дека за пет и пол години, шест или секој од министрите биле по точно една година. Според Павловска Данева, тоа значи дека не е дека само последниот ќе нема време, туку и претходните немале време, дури и да биле способни и да сакале, не можеле да спроведат некакви реформи. Најдолг мандат имаше Бојан Маричиќ, нецели две години.

Пораката што се праќа на електоратот и на граѓаните, како што истакна професорката Павловска Данева, е дека навистина не постои цврста политичка волја да се направи реформа, затоа што „не можете да ги менувате министрите на година дена и истовремено да ги убедувате гласачите дека сакате да спроведете реформа, тоа е невозможно“.

Професорката од правниот факултет смета дека пораката што се праќа е дека се бега од одговорност, бидејќи ресорот Правда за кој СДСМ во првиот момент на освојување на власта го даде на коалиционен партнер и тоа беше прво Билал Сали, кој донесе стратегија за реформа што беше оценета како извонредна од Европската Комисија, меѓутоа „тој немаше можност да ја спроведува“ затоа што беше сменет и на негово место дојде Рената Дескоска, па Бојан Маричиќ, па професорот Никола Тупанчески, за на крај, по една година, пак да го даде на коалиционен партнер.

Додека пак, претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева истакна дека станува збор за слабост во владеачкото мнозинство, затоа што немаат стабилност да застанат и да поведат одредена реформа и да ја спроведуваат онака како е замислена.

Тасева, воедно, додаде дека има стратегија за реформа на правосудството, но таа стратегија не се спроведува, исто како што има и стратегија за борба против корупција која не се спроведува. Таа нагласи дека тоа значи дека „ние ќе направиме документи со политики за кои што некој треба да застане и да ги спроведува“ и таа очигледна слабост на владата или на власта како коалиција која има проблем да опстане како прво, а понатаму има проблем и во спроведување на реформите, затоа што „не може да се спроведе реформа без мнозинство и во самата таа коалиција“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author