29.03.2023 Скопје
Италијанските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот тренер на Рома, Жозе Мурињо ќе остане во римскиот клуб до 30 јуни следната година.
Мурињо наводно имал понуди од Њукасл и Париз Сен Жермен, но решил да го заврши договорот со Рома.
Италијанските медиуми пренесуваат дека португалскиот стручњак неодамна престојувал во Лондон со семејството, а потоа по враќањето во Рим решил да остане во главниот град на Италија до крајот на следната сезона.
Мурињо беше еден од кандидатите да го преземе Њукасл доколку Еди Хау го напушти клубот од Сент Џејмс Парк во јуни.
Исто така, Португалецот се споменуваше како потенцијален наследник на шефот на стручниот штаб на ПСЖ, Кристоф Галтие, кој најверојатно на крајот од сезоната ќе ја прекине соработката со францускиот шампион.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Мурињо ќе се обиде да ги убеди Крис Смолинг и Пауло Дибала да не го напуштаат римскиот клуб.
Мурињо ја презеде Рома пред две години, а минатата сезона со овој клуб ја освои Конференциската лига.
Подготвено од А.Ѓ.