02.03.2023 Скопје
Пронаоѓачот на мобилни телефони Мартин Купер на Светскиот конгрес за мобилни телефони во Барселона, каде што ја доби наградата за животно дело, изјави дека мобилните телефони еден ден ќе бидат уреди интегрирани во нашата кожа, а не црни правоаголни панели на кои сме навикнати.
Светската технолошка елита се собра во Барселона, а еден од гостите е Купер, таткото на првиот мобилен телефон во 1973 година.
По повод 50-годишнината од создавањето на мобилниот телефон, Купер истакна дека еден ден телефоните ќе станат уреди интегрирани под кожата и нема да треба да се полнат, бидејќи „телото е совршен полнач“.
Неговата визија навестува можна идна фаза на човештвото во која нашите тела ќе бидат зголемени со моќни микрочипови и сензори.
Неколку стартапи развиваат технологии кои сакаат да ги комбинираат компјутерите со човечкиот мозок, на пример, како што е Neuralink на Илон Маск.
Пазарот на паметни телефони, како што е наведено, стагнира во текот на изминатите неколку години, а во индустријата има проблем производителите да излезат со иновативни дизајни.
Купер рече дека паметниот телефон станал премногу сложен со бројни апликации и екран кој не одговара на заобленоста на човечкото лице. Тој посочи дека приватноста станува многу сериозен проблем, како и зависноста, но, сепак, е оптимист за иднината, бидејќи смета дека допрва доаѓаат најдобрите денови за технологијата, особено во образованието и здравството.
Мартин Купер во понеделникот ја доби наградата за животно дело по повод 50 години од првиот телефонски повик на Шестата авенија во Њујорк, користејќи Motorola (DynaTAC 8000Ks), повикувајќи се на пријател кој бил вработен во мрежата AT&T.
Подготвено од А.Ѓ.