31.03.2023 Скопје
Денеска во Скопје во рамки на кампањата за одбележување на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица ќе се одржи марш за видливост на трансродовите лица, на кој ќе биде испратена пораката „И мојот идентитет постои“.
Од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „Трансформа“ информираат дека маршот ќе почне пред Владата.
„Tрансформа“ заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува петти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
Во соопштението од граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „Трансформа“ се наведува дека како и сите претходни години, и оваа година децидно и недвосмилено „бараме законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа Влада како обврска“, потенцирајќи дека „за политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права“.
Меѓународен ден на видливост на трансродовите е годишен настан што се случува на 31 март, ден на кој се слават трансродовите луѓе и е посветен на подигање на свеста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите лица ширум светот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека со почеток во 16 часот поради маршот на трансродовите лица, Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот по потреба ќе се пренасочува по рутата по која ќе се одвива маршот, и тоа од крстосницата на булеварот „Гоце Делечев“ со булеварот „ВМРО“, право по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“ и во продолжение до булеварот „11 Октомври“, пред Собранието на Република Северна Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.