https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Emmanuel_Macron_%282019-10-09%29_03.jpg

24.03.2023 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска остро го осуди насилството што избувна на демонстрациите во текот на вчерашниот ден против реформата на пензискиот систем, наведувајќи дека нема да попушти пред насилството.

Макрон ова го изјави на прес-конференција во Брисел по самитот на ЕУ.

Макрон е под притисок да најде начин за излез од кризата и најлошото улично насилство во Франција во последните неколку години, откако предложи законот за пензија со кој се зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, да биде усвоен во парламентот без гласање. Францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманен изјави денеска дека 457 лица се приведени, а 441 полицаец се повредени во инцидентите за време на протестите во четвртокот низ земјата против пензиските реформи.

Според полицијата, на протестите ширум земјата вчера учествувале 1,089 милиони луѓе или 3,5 милиони, според Сојузот на синдикати CGT.

Влезот во зградата на градското собрание во Бордо беше запален синоќа по цел ден протести и судири.

Во главниот град полицијата фрли солзавец кон демонстрантите, а во Лориен, на западот на Франција, проектилите фрлени од демонстрантите предизвикаа мал пожар во дворот на полициската станица.

Макрон во средата рече дека законот ќе стапи на сила до крајот на годината, и покрај зголеменото незадоволство низ целата земја.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author