17.03.2023 Скопје
Новиот Индекс на просечен животен век во светски рамки, објавен од Обединетите нации, покажува дека македонските граѓани живеат во просек 75,26 години. Жените во просек живеат 77,47 години, додека пак мажите 73,1 година.
Според податоците од истражувањата и статистиката на Светска банка, просечниот животен век на Македонците е 74 години, додека пак на Македонките е 78 години, вкупно 76 години.
Истражувањата покажуваат дека долговечноста се заснова на три главни и основни фактори: генетика, пол и начин на живот. Потоа се земаат предвид и компоненти како што се хигиена, исхрана, култура, избор на професија, пороци, вежбање, пристап до квалитетна здравствена заштита, па дури и криминалните стапки.
Според Обединетите нации, светскиот просек во поглед на животниот век заклучно со 2023 година бил 70,8 години за мажи и 76,0 години за жени, вкупно 73,4 години.
Очекуваниот животен век значително варира зависно од подрачјето, како и од земја до земја, па оваа 2023 година, тие бројки се движат од најниското ниво од 57,7 години во Западна Африка до највисокото од 82,7 години во Западна Европа.
Општо гледано, очекуваниот животен век има повисок праг. Меѓу 2000 и 2016 година, очекуваниот животен век се зголемил за 5,5 години на светско ниво, со нагласка на зголемувањето од 10 години во одделни делови од Африка. Овие сознанија за овој раст во однос на „најтоплиот континент“ ги потврдуваат и извештаите на Светската здравствена организација.
На списокот земји со најдолг животен век, според ОН се Монако (87,01 години), Хонг Конг (85,83), Макао (85,51), Јапонија (84,95), Лихтенштајн (84,77), Швајцарија (84,38), Сингапур (84,27) , Италија (84,2), Ватикан (84,16), Северна Кореја (84,14).
Најкус просечен животен век имаат жителите на Чад (53,68 години), Нигерија (53,87 години), Лесото (54,91), Централноафриканската Република (55,48), Јужен Судан (56,51), Сомалија (57,35), Есватини (57,71), Намибија (59,93), Гвинеја (59,55), Мали (69,03 години).
Македонците, во таа смисла, се некаде на средина на оваа листа.
Од нашето поблиско соседство, просечниот животен век во Србија е 75,12 години, во Албанија 78,06 години, Бугарија 72,84, Грција 82, во Босна и Херцеговина е 76,18 години, Хрватска 79,4, а во Црна Гора е 77,78 години.
Подготвено од А.Ѓ.