21.03.2023 Скопје
Лидерите на Русија и Кина се пред вториот ден од разговорите за економските односи и се очекува двете страни денеска да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и за „стратешката соработка“.
Двајцата лидери вчера разговараа четири и пол часа, нарекувајќи се еден со друг „драг пријател“, а меѓународно изолираниот руски лидер истакна дека е отворен да разговара за предлозите на Кина за решение на војната во Украина, соопштија странските агенции.
Економската соработка ќе заземе централно место денеска во разговорите меѓу кинескиот и рускиот лидер.
Двете страни треба да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“, соопшти Кремљ. На состанокот ќе присуствува и рускиот министер за одбрана, а според Москва, на дневен ред се и прашања за воено-техничката соработка.
Подготвено од М.Н.