22.03.2023 Скопје
Граѓаните со бурни реакции на објавата на Билал Касими во која напиша дека Тетово е главен град на Албанците во Република Северна Македонија, порачувајќи му да го исчисти ѓубрето и да го среди градот.
„Тетово е еден убав македонски град во кој живеат и коегзистираат различни народи, култури и религии, како негово богатство.
А доколку некој сака да го прогласи за главен по нешто, добро е да појде од тоа со кое стварно предводи и е главен дури и на ниво на цел Балкан, односно по урбаниот хаос и мафија, по отсуството на елементарно зеленило, парк и спортски содржини, како и целосната закоравеност и затвореност на Општината за граѓанска вклученост, современи проекти и промени, и нејзина посветеност исклучиво на популизам и квази национализам од кои на секој пристоен човек му се гади“, напиша на својот официјален фејзбук профил директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски.
Од Либерално Демократската Партија ЛДП пак, на својата официјална страна напишаа дека дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности, и упатија порака дека Република Северна Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците.
Реакции има и од ОО СДСМ Тетово во која истакнаа дека градоначалникот на Тетово, Касами очигледно нема ориентација во просторот.
„Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кој се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група“, стои во реакцијата на ОО СДСМ Тетово.
Подготвено од М.Н.