10.03.2023 Скопје
Општина Крушево ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“ во 2023 година, одлучи комисијата по распишаниот конкурс на Министерството за култура. На конкурсот беа пријавени и општините Струга и Маврово-Ростуше.
По извршената евалуација на пријавите, а во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата наведени во конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крушево понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.
Во програмата се содржани 62 проекта од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори.
Општина Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата.
Манифестацијата „Град на културата“, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира во 2004 година и оттогаш општините континуирано учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани.
Подготвено од А.Ѓ.