23.03.2023 Скопје
Претседателот на владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска со амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман Марти и со директорот на Развојна Банка, Кире Наумов ја промовираа новата кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација за компаниите.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека целта на владата е земјата да оди напред, да има силен економски раст и развој, затоа и заложбата за креирање можности за пристап до средства за инвестирање во имплементација на дигитални стратегии и планови односно дигитална трансформација.
„Оваа кредитна линија е новина на пазарот, прилагодена според потребите на пазарот и ќе биде во функција на искористување на придобивките на компаниите од процесот на дигитализацијата. Развојната банка во овој процес е пионер на пазарот и без сомнение дека поттик за вклучување добиваат и комерцијалните банки, се со цел да се забрза и засили циклусот на имплементација на дигиталната трансформација на компаниите. Наша цел е да го интензивираме процесот на дигитализација како современ пристап за деловен развој и спроведување на определбата за дигитализација преку меѓусебно поврзување на академската заедница, на бизнис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и делување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира“, истакна премиерот Ковачевски.
Република Северна Македонија, поддршка за креирање на Стратегијата обезбеди и од Светска Банка, GIZ и ИМЕ програмата, а беше финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Развојната Банка, одигра значајна улога во време на економската, енергетската и ковид кризата. Со понуда на поволни кредити но ниски каматни стапки, за малите и средни компании владата создаде амбиент за подобрување на домашната конкурентност, поддршка на извозот и економски раст и развој. Развојна Банка зазема активно учество во имплементирање на антикризните мерки кои ги донесуваше Владата.
На стопанството му беа ставени на располагање и ЕИБ-кредитните линии со поволна камата, од кои 41 милион евра се пласираа од ЕИБ 6, а останатите кредити беа пласирани од револвинг средствата.
Со тоа од страна на Развојната банка за поддршка на стопанството за три години беа пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти, од кои само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра поволни кредити за поддршка на ликвидноста на компаниите, инвестиции во заштеда на енергија и инвестиции во обновливи извори на енергија.
Подготвено од А.Ѓ.