01.03.2023 Скопје
Со официјално обраќање, премиерот Димитар Ковачевски го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.
На Форумот присуствуваа влијателни личности од земјава и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои, претставникот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.
За време на Форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапот на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, улогата на жените во обезбедувањето одржливост, странските инвестиции во Северна Македонија и регионот, како и за стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека првиот Економски форум се одржа во ек на корона кризата, а сега, две години подоцна, „се соочивме со светската економска и енергетска криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво“, потенцирајќи дека Владата успеа да го сузбие растот на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со навремените мерки, со над 760 милиони евра.
Според податоците на Светска банка во регионот е издвоена највисока буџетска поддршка, дури 5% од БДП за справување со кризата.
Ковачевски, исто така, истакна дека се гледаат придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат граѓаните, на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите. Дополнително, тој истакна дека од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко, се „зелените коридори“.
Подготвено од А.Ѓ.