07.03.2023 Скопје
Верувале или не, Јапонците едноставното собирање ѓубре на улица го претворија во спорт, односно спортски натпревар. Спортот што го измислија Јапонците се нарекува „СпоГоми“. СпоГоми е комбинација од зборовите „спорт“ и „гоми“, јапонски значи ѓубре.
Ова стана популарно натпреварување каде тимови од 3-5 луѓе се обидуваат да соберат најмногу ѓубре со највисок квалитет во даден временски период.
Јапонија неодамна објави дека ќе биде домаќин на првото Светско првенство „СпоГоми“ во ноември 2023 година, со тимови од целиот свет кои ќе ги пребаруваат улиците на Токио за да го соберат ѓубрето.
Секој тим од тројца играчи ќе има 60 минути да собере најмногу ѓубре од одредена област додека се обидува правилно да го сортира во кеси со кодирани бои за секој тип, ѓубре што може да се запали, пластика што може да се рециклира, метални конзерви итн.
Кога ќе истече времето, ѓубрето ќе биде измерено и проверено за правилно сортирање, а тимот со најмногу ѓубре ќе победи. Во случај на нерешено, победникот се одредува според квалитетот на ѓубрето, со поени по тип.
Инаугуративното Светско првенство СпоГоми звучи како одличен начин да се охрабрат луѓето да ги одржуваат чисти јавните простори, но од натпреварувачка страна, нема сомнеж кој тим ќе победи. Впрочем, Јапонците се познати по тоа што се чистат по себе каде и да одат. Јапонските навивачи го шокираат светот со нивниот ритуал после натпреварот со собирање ѓубре од трибините и оставање во чиста состојба.
Потоа, тука е фактот дека Јапонија го измисли „СпоГоми“ и од 2008 година има локални натпревари. Новиот спорт започна многу брзо, а денес секоја година се организираат стотици натпревари низ цела Јапонија.
Поставени се јасни правила, од безбедносни правила како што е не собирање отпад во близина на патишта или железнички пруги до правила за спортски дух, како што е почитување на правилата на другите тимови.
Сите учесници носат силни ракавици за чистење кои им овозможуваат да подигнат буквално секаков вид ѓубре без да го истурат, како и маша за подигање на ѓубрето од стоечка положба. На почетокот на натпреварот сите извикуваат „Собирањето ѓубре е спорт!“ пред да влезат во нивните доделени области. На крајот од даденото време, сите учесници се враќаат на стартната линија за да го измерат и проверат својот отпад.
Победничките тимови обично добиваат сертификат или трофеј од организаторот, а можеби и мала награда од спонзорот. Но, „СпоГоми“ всушност не е за награди. Учесниците едноставно уживаат во натпреварувачката природа на спортот, работат како тим, поминуваат драгоцено време на отворено и, на крај, но секако не и најмалку важно, ги одржуваат своите градови чисти.
„Веруваме дека е важно да се собира ѓубрето во градовите бидејќи има ненадејно зголемување на количеството ѓубре во океаните ширум светот, па затоа е најдобро да се собере ѓубрето пред да влезе во океанот бидејќи е многу потешко да се собере во тој момент“, истакна Такајасу Удагава, кој го надгледува првото Светско првенство во СпоГоми.
Подготвено од А.Ѓ.