narodna banka na rmkd

08.03.2023 Скопје

Од 1 јануари стартуваше новиот Закон за платежни услуги кој треба да поттикне поголема конкуренција кај давателите на платежни услуги, а со тоа и да се намалат цените на услугите.

Со отворање на нова платежна сметка која ќе се користи само за плаќање на режиските трошоци, провизиите ќе се намалат, но граѓаните нема да може да ги избегнат извршителите ако добиле одлука за извршување на наплата на долг.

Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните сметки за вода, за електрична енергија, за греење и телекомуникации или трансфер на парични средства на друго лице, односно пет трансакции за вкупна месечна сума која сега изнесува 31 денар. Над таа бројка, банката или давателот на платежна услуга ќе си ја одредува цената за плаќање на налозите.

Една од новините во Законот е во делот на заштитата на паричните средства на корисникот на платежни услуги кои ги примила платежната институција или институцијата за електронски пари.

Ако извршителот ја гони банката или штедилницата, парите на платежна сметка ќе бидат заштитени нема да бидат предмет на извршување, но ако извршителот го гони сопственикот на сметката, тогаш парите може да бидат предмет на извршување.

Според новата регулатива, во иднина и штедилниците и компаниите за брзи пари ќе може да аплицираат во НБРМ за лиценца за давател на платежни услуги, односно и кај нив ќе може да се отвори платежна сметка со основни функции преку која ќе се плаќаат домашните сметки.

Од Народната банка истакнаа дека доколку корисниците припаѓаат на некоја од ранливите категории, граѓаните ќе можат да ја користат платежната сметка со основни функции без надоместок. Давателот на платежни услуги ќе биде должен најмалку еднаш годишно на потрошувачот да му даде извештај за сите наплатени надоместоци за услугите поврзани со платежната сметка, информации за висината на каматните стапки и применетиот девизен курс.

Согласно новиот закон, Народната банка ќе утврдува листа на најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка. Централната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет страна надоместоците поврзани со најрепрезентативните услуги по поединечен давател на платежни услуги. На овој начин, потрошувачите ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат за тоа од кој давател да користат платежни услуги.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author