04.03.2023 Скопје
Македонско – хрватското друштво (МХД) вчеравечер во Уметничката галерија во Тетово по втор пат ја организираше изложбата „Хрватска низ времето“, чии 40-тина дела се резултат од ликовната работилница на м-р Славчо Максимовски и учесниците.
Изложбата ја отворија амбасадорката на Република Хрватска, г-ѓата Нивес Тигањ и координаторот на работилница, м-р Славчо Максимовски.
Околу 25 учесниците изминатиот период твореа на темата Хрватска, во која доминираше како и претходно хрватската архитектура, а како новина, за прв пат беа претставени и десетина слики со традиционална хрватска носија. Најмладиот учесник има 8 години.
Во говорот за изложбата, Марко Видачек потсети на важни личности и настани кога се во прашање Тетово и Хрватска.
„Пред нешто повеќе од 100 години, од ликовната академија во Прага, во 1919 во Тетово доаѓа дубровничкиот сликар Нико Миљан, како гимназиски професор. Од истата година датира и сликата насловена „Пазарен ден во Тетово“. За животот во Тетово, за тетовското маало Два Бреста и за градското средиште од 20-тите години на минатиот век, живописен и автентичен преглед добиваме и од двете објавени слики во бакрорез – на хрватскиот ликовен уметник Томислав Кризман. Уште во 30-тите години, во Тетово како професор по цртање работи Јосип Бужан, кој знаењето и образованието стекнато во Венеција, со голема љубов го пренесува на идните тетовски генерации, за што сведочат признанија и новинарски написи од тоа време. А точно во 1930 година, тетовската јавност има ретка прилика да присуствува на изложба на познатиот хрватски сликар, Јозо Бужан, брат на тетовскиот професор Јосип“, истакна Видачек.
Изложбата ја посети и градоначалникот на општина Тетово, г. Биљал Касами, претставници на Уметничката галерија – тетовски амам, членови и соработници на МХД, како и голем број на граѓани и заинтересирани.
Настанот беше збогатен и со настап на гитаристот Стефан Волчевски со изведба на хрватски и класични нумери.
Подготвено од А.Ѓ.