17.03.2023 Скопје
Почнувајќи од февруари, комуналните инспектори на Општина Центар спроведуваат засилени инспекциски акции на локации околу Зелен пазар, за да ги санкционираат лицата кои препродаваат производи на зелена површина, пред зградите и на тротоарите околу пазарот.
Постапувајќи по пријави на граѓани за продажба на производи на јавна површина на затекнатите нелегални препродавачи од комуналните редари им се изречени казни во висина од 150 евра. Во изминатиот месец, по спроведените акции во околината на Зеленото пазарче, изречени се 90 прекршочни платни налози согласно Законот за јавна чистота.
Денеска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, им се придружи на комуналните инспектори и редари и заедно со припадниците на МВР вршеа контроли во реонот на Зеленото пазарче.
Инспекциски контроли на комуналната инспекција, како што најавуваат од Центар, ќе продолжат и во наредниот период на повеќе локации во општината, секаде каде што се појавуваат вакви проблеми.
Подготвено од М.Д.