23.03.2023 Скопје
Владата на вчерашната седница донесе одлука за основање Национална установа „Оркестар за џез-музика во Република Северна Македонија“ – Скопје чија основна дејност ќе биде подготвување и јавно изведување на висококвалитетни музички дела од областа на џезот и од сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.
Новата национална музичка институција се формира на иницијатива од Здружението на џез-музичари, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјава, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура во земјава.
Преку оваа установа се негуваат талентираните џез-музичари кои работат во земјава и им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез-културата, како и да ја популаризираат македонската џез-музика.
Со оглед на празнината што ја има државата со непостоењето на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност.
Оркестарот на Здружението на џез-музичари веќе се има докажано како врвен ансамбл, кој е на ниво на светските стандарди, така што како национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство, а ќе продолжи со вмрежување со европски и со светски сродни институции според практиката што веќе ја востанови.
Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.
Подготвено од А.Ѓ.