21.03.2023 Скопје
Претседателот Џо Бајден потпиша нацрт-закон со кој се бара од американската влада да декласифицира одредени информации поврзани со нејзината проценка за потеклото на пандемијата на коронавирус.
Белата куќа соопшти дека Бајден го потпиша Законот за потекло на Ковид-19 од 2023 година, кој бара од директорот на националното разузнавање (ДНИ) да ги декласифицира информациите за можното потекло на новиот корона вирус одговорен за Ковид-19.
Некои американски разузнавачки агенции, вклучително и Федералното биро за истраги (ФБИ), тврдат дека вирусот најверојатно дошол од лабораторија во Вухан, Кина, додека други агенции посочиле на пазар во Вухан.
ДНИ мора да ги декласифицира информациите во рок од 90 дена од денот на донесувањето на законот.
„Ја споделувам целта на Конгресот да објави што е можно повеќе информации за потеклото на Ковид-19. При спроведувањето на овој предлог-закон, мојата администрација ќе декласифицира и споделува колку што е можно повеќе од тие информации, во согласност со моето уставно овластување за заштита од откривање информации кои би ѝ наштетиле на националната безбедност“, истакна Бајден.
Претседателот Бајден додаде дека САД ќе продолжат да ги прегледуваат сите доверливи информации во врска со потеклото на Ковид-19, вклучително и потенцијални врски со Институтот за вирологија во Вухан.
Подготвено од А.Ѓ.