21.03.2023 Скопје
Денеска претставници на лекарските здруженија соопштија дека во Загреб утре ќе се одржи голем протест на лекарите и здравствените работници наречен „С.О.С. за хрватското здравство“.
Тие на новинарите им делеа леток во кој се наведени причините за протестот, меѓу кои и фактот дека секој трет лекар ја напушта државата, многумина веднаш по завршувањето на факултетот, како и фактот дека нема лекари од примарната здравствена заштита во повеќе од 50 општини на копното и на островите, како и дека во неколку хрватски болници недостигаат специјалисти и лекари по семејна медицина.
Меѓу причините се и тоа што во здравствениот систем недостасуваат 2.000 лекари и 4.000 медицински сестри. Секој трет лекар во системот има над 50 години, а за неколку години, велат, ќе нема кој да ги лекува граѓаните. Пациентите чекаат и до 600 дена за одредени прегледи, а лекарите дневно гледаат од 80 до 100 пациенти и можат да им посветат само неколку минути.
Посочуваат дека лекарите дневно трошат 60 отсто од своето време на администрација, додека чекалните се полни, а лекарите се принудени, како што наведуваат, да го прекршуваат законот со одработување налудничави прекувремени часови. Исто така, и дека младите лекари се во особено тешка ситуација, бидејќи се обврзани со договори за робови.
Како што е најавено, протестниот марш ќе започне утре во 10:45 часот, а организатори на протестот се Хрватскиот лекарски сојуз, Хрватската комора на лекари, Хрватското здружение на болнички лекари, Координацијата на Хрватската семејна медицина и Иницијативата на млади лекари.
Подготвено од А.Ѓ.