hil

06.03.2023 Скопје

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека е важно сите да се согласат оти мора да се формира Заедница на српски општини, особено што тоа беше предвидено со договорот од пред 10 години.

Тој на панелот „Иднината на ЕУ и Западен Балкан“ на Бизнис форумот Копаоник рече дека тоа е многу долг период, и дека договорите мора да се почитуваат.

„Втората причина е што не мора да си историчар или антрополог за да знаеш дека Србите живеат на Косово со векови и имаат право да одлучуваат за својата иднина. Тоа е тест на властите во Приштина да разберат што мора да се реши за да се исполнат европските стандарди. Многу „Важно е владата во Белград да им помогне на Србите да бидат успешни како заедница. Јас сум оптимист дека тоа може да се случи“, рече Хил.

Тој додаде дека присуствувал на панелот на Копаоник посветен на покојниот премиер Зоран Ѓинѓиќ и рече дека меѓу учесниците видел голема тага кај сите што зборувале за него.

„Во документарецот слушнавме што рече за аспирациите кон ЕУ. Мораме да одиме напред, минатото е минато. Не треба да разговараме само за проблемите, туку и за можностите“, рече тој.

Хил оцени дека ЕУ е најдоброто нешто што и се случило на Европа во последните неколку векови.

„Има потешкотии, но треба да се фокусираме на целта. ЕУ е одговорна за решавање на проблемите и надвор од ЕУ. Често се уморуваме да зборуваме за бирократија, но сите во Европа треба да се залагаат за членство“, рече тој.

Според него, Србија ќе стане членка порано или подоцна, штом ги исполни сите барања. Тој напомена дека поглавјата и кластерите се тешко разбирливи, но и дека работите мора да се случат и дека владеењето на правото е апсолутен услов за тоа.

„Силни институции, покажете ми силни институции и ќе имате помалку корупција и обратно. На крајот на краиштата, Србија мора да има силна политика и да го реши прашањето за Косово, што е многу тешко“, рече Хил.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author