https://www.flickr.com/photos/faces-of-the-world/51321104713/in/photolist-2mc55qZ-2dxxZzx-2dxxZyR-MZiyUJ-2mtce6V-MZ2wJo-N7qGP9-N7qGKm-2ci9CEC-2n4LPtr-bSRkAM-MZiy1E-N7qGRJ-2g3DPKm-2g3DNLh-2g3DSW6-FKbEiR-2nkaSyy-2hGkxbd-2kWHVLa-2kWGhrX-2kWGhy5-2nkhqaV-oiLPYT-2n1PFN2-YPumqf-XQWG32-XMpxDj-XQWGFM-XQWGnk-XQWFNp-YPumTj-7JZ8Wo-2nkhqgB-2fpm5F1-2nkhq8a-2dCzapp-2nkaSxr-2nkgeHm-2nkiFL8-2nkiFDE-2nkaSzL-2nkhq9T-2nkaSAN-2nkhqcU-2nkaSFh-2nkiFJE-2nkgeLh-2nkgeJ8-2nkghKk

06.03.2023 Скопје

Денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека правата на жените не се луксуз што може да чека додека не се решат кризите во светот, истакнувајќи дека на секои десет минути жена или девојка се убиваат од член на семејството или партнер, како и дека на секои две минути жена умира за време на бременост или породување.

Во авторскиот текст по повод 8. март – Меѓународниот ден на жената, Гутереш оцени дека остварениот напредокот во поглед на правата на жените полека исчезнува пред наши очи, а најновите прогнози проценуваат дека, доколку се продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни уште 300 години за постигне целосна родова еднаквост. Воедно, истакна дека мора да се сменат овие ужасни трендови и да се залагаме за животите и правата на жените и девојките, насекаде.

Гутереш нагласи дека од Јужен Судан до Мјанмар, ги поддржува жените и девојчињата во криза со тоа што ќе се погрижи нивниот глас да биде слушнат во мировните процеси. Исто така, тој оцени дека денешните кризи, кои следат една по друга, од војната во Украина до климатската вонредна состојба, прво и најтешко ги погодуваат жените и девојчињата.

Како што истакна Гутереш, оваа година Меѓународниот ден на жената е фокусиран на затворање на родовиот јаз во науката, технологијата и иновациите.

Во текстот се наведува дека на глобално ниво, пристапот и користењето на Интернет е за 21 отсто поверојатно кај мажите отколку кај жените, а во земјите со ниски приходи разликата е над 50 отсто. Воедно, нагласи дека дури и најбогатите земји се во загуба поради родовите стереотипи и историската пристрасност. На пример, во технолошката индустрија, мажите двојно ги надминуваат жените, а во областа на вештачката интелигенција, соодносот е пет спрема еден.

Дискриминацијата на жените во науката и технологијата е последица на вековната патријархалност, дискриминација и штетни стереотипи, оцени Гутереш и додаде дека жените сочинуваат само три отсто од добитниците на Нобеловата награда во научните категории од 1901 година до денес, а жените на Интернет, вклучувајќи ги и научниците и новинарите, често пати се цел на сексистички говор на омраза и злоупотреба со цел да ги замолчат и посрамотат.

Генералниот секретар нагласи дека мора да се срушат бариерите, од дискриминаторски податоци до стереотипи кои ги одвраќаат девојчињата да студираат природни науки на рана возраст.

Инвестирањето во жени и девојки е најсигурниот начин да се подигнат сите луѓе, заедници и земји и да се постигнат целите од Агендата за одржлив развој 2030 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author