forum

23.03.2023 Скопје

На иницијатива на Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска во Скопје се одржува официјален настан за промоција на Форумот на жени лидери од Југоисточна Европа за добро владеење и антикорупција, поддржан од UN WOMEN, RAI и UNODC.

Целта на Форумот е да се создаде регионална мрежа која се стреми да го зајакне лидерството на жените во општеството, преку професионален развој и меѓународно вмрежување за размена на најдобри практики, искуства и меѓусебна поддршка за градење подобри општества за сите.

Вицепремиерката Грковскa го отвори настанот потсетувајќи на поранешната романска обвинителка Лаура Ковеси, која иако на почетокот на својата кариера била обесхрабрувана дека обвинителската професија не е за жени, постигна голем успех во својата татковина, покажувајќи дека институциите може да функционираат и дека никој не е недопирлив.

„Започнувам со ова, бидејќи е јасен пример за лидерство кое цели кон промени. Лидерство кое настанало преку борба со препреки со кои се соочува секоја жена. Лидерство кое јакнело низ жестока борба со помоќен противник. И лидерство со интегритет и засновано на високи вредности. Лидерство какво што е важно за да се опстане и да се живее и создава во сопствената земја“, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.

Осврнувајќи се на заедничките предизвици на земјите во регионот, таа ја нагласи потребата од соработка заради забрзано подобрување на системот, но и за изнаоѓање ефикасни начини за подобрување на колективниот менталитет за прашања како што се корупцијата и доброто владеење.

„Сите ние доаѓаме од подрачја кои не се имуни на конфликти и насилство и јасно ни е дека корупцијата се одржува и со продлабочување на поделбите по разни основи и дека силно влијае на тоа дали ќе имаме мир, безбедност, благосостојба или пак, нестабилност и сиромаштија”, изјави Грковска и го заокружи своето воведно обраќање цитирајќи го американскиот претседател Џозеф Бајден, дека борбата со корупцијата не е само добро владеење, туку претставува самоодбрана и патриотизам.

Како поддржувачка на оваа иницијатива, во воведниот дел на Форумот се обрати амбасадорката на САД во Северна Македонија, Н.Е. Ангела Агелер, која истакна дека зајакнувањето на жените е врвен приоритет, а силното лидерство е потребно повеќе од кога и да е порано. Амбасадорката истакна дека поголемото учество на жените води до помирни и постабилни демократии и дека САД останува партнер и сојузник во креирањето подобра иднина.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, во поздравното видео- обраќање посака овој Форум да биде стартна точка за поефикасни интервенции и родово одговорни политики на полето на антикорупцијата, истакнувајќи дека корупцијата не е родово неутрална и е еден од најголемите предизвици за колективот и безбедноста.

Форумот на жени лидери на ЈИЕ се воспоставува со поддршка на агенциите на Обединетите нации и РАИ. Во име на UN Women се обрати Раководителката на Канцеларијата, Весна Ивановиќ Кастаред, која истакна дека силната женска перспектива е потребна за да се оствари одржлив развој и за да се осигураме дека никој нема да биде изоставен. Џенифер Сарвари Бредфорд од UNODC посочи дека сега е вистинско време за да се повика на акција, која го зема предвид женскиот глас и приоритети.

Раководителката на Секретаријатот на РАИ, Десислава Гоцкова, порача дека оваа иницијатива ќе биде глас на жените во регионот, особено за тие кои се на одлучувачки позиции на полето на доброто владеење.

На настанот беше потпишана Декларацијата за основање на Форумот, на што му претходеше панел дискусија, на која првите потписнички ги споделија своите ставови и мислења за неговото значење и можностите кои ги отвора.

Покрај вицепремиерката Грковска, Декларацијата ја потпишаа: Наташа Новаковиќ, доскорешна претседателка на Комисијата за одлуки за судир на интереси во Хрватска, Десислава Гоцкова, раководителка на Секретаријатот на РАИ, Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување корупција од Црна Гора и поранешен судија и претседател на суд и Ардита Секнај, генерален секретар на Националниот комитет на Меѓународната стопанска комора во Албанија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author