06.03.2023 Скопје
Грчките железничари денеска го продолжија штрајкот во знак на протест поради безбедносните услови, шести ден од железничката несреќа во која загинаа 57 лица.
Прометната железничка рута што го поврзува главниот град Атина со Солун на северот од земјата е прекината додека истрагата за несреќата што се случи на 28 февруари на оваа делница, кога директно се судрија патнички и товарен воз.
Речиси сите жртви, вклучително и многу студенти, биле во брз патнички воз кој удрил во товарен воз.
Тековниот штрајк на железничките работници по несреќата ги запре патничките и товарните возови низ Грција.
Синдикатите на железничарите и машиновозачите го продолжија штрајкот до среда, 8 март, посочувајќи дека безбедносните системи низ железничката мрежа со години се нефункционални.
Несреќата, исто така, предизвика антивладини демонстрации низ целата земја минатата недела, вклучително и митинг на кој присуствуваа 10.000 луѓе вчера во центарот на Атина. Демонстрантите бараа подобри безбедносни стандарди на железничката мрежа.
Железничкиот службеник кој бил на должност во моментот на несреќата е приведен додека трае судењето.
Синдикатите велат дека железничката мрежа на земјата пропаѓа поради намалувањето на трошоците и недоволното инвестирање како резултат на ослабувачката должничка криза што ја зафати Грција од 2010 до 2018 година.
Властите не го оспорија ова, а премиерот Киријакос Мицотакис вчера призна дека децениската негрижа можеби придонела за катастрофата.
Грција го продаде својот државен железнички оператор како дел од меѓународната програма за помош во 2017 година на италијанската компанија „Феровие дело Стато Италијане“. Сега наречена „Хеленик воз“, компанијата е одговорна за патнички и товарен транспорт, додека грчката државна компанија ОСЕ е одговорна за железничката инфраструктура.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави на Твитер по разговорите со Мицотакис дека ЕУ ќе обезбеди техничка поддршка на Грција за да помогне во модернизацијата на нејзините железници и подобрување на безбедноста. Воедно, таа нагласи дека најважна е безбедноста на железницата.
Подготвено од А.Ѓ.