20.03.2023 Скопје
Новиот извештај „Среќата во светот 2023“, кој го објавуваат Обединетите Нации, покажува дека Република Северна Македонија е 87-ма меѓу 137-те држави, што земјава ја стави на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.
Полошо рангирани европски држави од Република Северна Македонија се само Грузија (90-то), Украина (92-ро) и Турција (106).
Финска е најсреќната држава во светот и има просечен резултат од 7,804. Во првите пет држави се наоѓаат и Данска, Исланд, Израел и Холандија.
Во регионот најдобро рангирана е Словенија на 22 место, по која следуваат Косово на 34 место, Србија на 45-то, Хрватска на 48-то, Грција на 58-то, Црна Гора на 67-то, БиХ на 71-то, Бугарија на 77-то и Албанија на 83-то.
Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто.
Оваа година, Авганистан е најнесреќна држава со просечен резултат од 1,859, додека на последните пет позиции се и Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и Демократска Република Конго.
Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година луѓето низ светот за оваа анкета одговараат на прашањето – каде тие лично сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот – на скала од 0 до 10.
Извештајот оваа година ги рангираше државите според тригодишен просек, а Република Северна Македонија за периодот 2020-2022 година има просечен резултат од 5,254.
Извештајот за среќа во светот е публикација на Мрежата за решенија за одржлив развој, овозможена од податоците од Светската анкета на Галуп.
Светскиот извештај за среќа е напишан од група независни експерти кои дејствуваат во нивните лични капацитети. Сите ставови изразени во овој извештај не мора да ги одразуваат ставовите на која било организација, агенција или програма на Обединетите нации.
Во јули 2012 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 20 март за Меѓународен ден на среќата, што ја промовира идејата дека „стремежот кон среќата е основна човечка цел“.
Подготвено од А.Ѓ.