https://www.facebook.com/OpstinaBitola/photos/pcb.3314187285513432/3314184905513670

29.03.2023 Скопје

Во училишниот тоалет во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола во текот на вчерашниот ден паднал таванот при што една ученичка се здобила со мали повреди.

Од Општина Битола велат дека на барање на градоначалникот Тони Коњановски се формирала комисија која извршила увид во училиштето и било заклучено дека тоалетите биле реконструирани пред неколку години со донација, но последните денови биле забележани проблеми на горниот кат и прокапување.

„Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем“, информираа од Општина Битола.

Од Општината велат дека на крајот на минатата година градоначалникот ги повикал директорите на училиштата кои требало да укажат на потреби за реконструкции и интервенции во училишните објекти.

Според Општината, директорката Илиева не побарала интервенција од Општината за објектот на Средното медицинско училиште.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author