06.03.2023 Скопје
Град Скопје денеска објави јавен повик со кои се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.
Договорот помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозници денеска добива своја конкретна завршница со која скопјани од наредниот месец би требало да имаат понормален градски превоз во споредба со изминатите месеци кога бројот на автобуси беше редуциран на сите линии.
Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.
Станува збор за линии на кои на повеќето до пред четири месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што ќе бидат избрани на огласот.
Сепак, враќањето на приватните автобуси на улиците нема да се случи толку рано затоа што крајниот рок за поднесување на пријавите на јавниот оглас е 21 март 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи точно напладне на 27 март во Град Скопје.
Пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.
Во однос на изборот на превозници што ќе го вршат јавниот превоз на бараните линии, во огласот се наведени неколку критериуми со кои ќе се врши изборот на најповолната понуда како што се возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршењето на општински линиски превоз на патници.
По постигнатиот договор помеѓу Град Скопје и приватните превозници, кои неколку месеци се без работа, а автобусите им стојат паркирани, скопјани конечно можат да се надеваат дека ќе биде ставен крај на нивната четиримесечна голгота и дека нема повеќе секојдневно да се нервираат дали ќе фатат автобус ниту да се грижат дали навреме ќе стигнат на своите работни места или на училиште.
Сепак, со ова само се враќаат работите на постојната состојба пред да започнат протестите. Тоа значи дека ќе има автобуси колку што имало, а дали и понатаму некои од нив ќе бидат „крш“ останува да се види, со оглед што моментално и добар дел од автобусите на ЈСП кои се дел од јавниот превоз се под сите стандарди – расклатени, расчкрипени и валкани.
Подготвено од А.Ѓ.