07.03.2023 Скопје
Работничките синдикати низ Франција се заканија дека ќе ја блокираат економијата со блокирање патишта, прекин на рафинериите, прекин на летовите и железничкиот сообраќај во текот на неделата во знак на протест против најавените пензиски реформи.
Првите проблеми беа пријавени во текот на вчерашниот ден бидејќи камионџиите спорадично ги блокираа главните патишта и раскрсниците или бавно се движеа во неколку региони низ Франција.
Синдикатите планираат прекинот на работата да започне во вечерните часови.
Француските власти ќе се соочат со најголеми прекини на работата, бидејќи утре се најавени штрајкови во повеќе сектори, а планирани се и протести во повеќе градови низ земјата.
Во моментов во парламентот се расправа за реформа на пензискиот систем со која старосната граница од 62 ќе се зголеми на 64 години.
Надлежните побараа од работниците утре по можност да работат од дома.
Членовите на Горниот дом на францускиот парламент на 2 март започнаа со дискусија за контроверзниот план на претседателот Емануел Макрон за реформа на пензискиот систем.
Двонеделната дебата во Долниот дом на Парламентот, или Националното собрание, минатиот месец донесе расправии меѓу пратениците, како и илјадници амандмани предложени од опозицијата.
Во Горниот дом или Сенатот мнозинството го сочинуваат републиканците и се очекува дебатата да се одвива со многу помирен тон за владините претставници.
Дискусијата треба да трае до крајот на следната недела.
Ако нацрт-законот помине во Сенатот, тој ќе продолжи низ многу комплициран законодавен процес. Комитетот, кој се состои од членови на двата дома на парламентот, потоа ќе се обиде да постигне договор за заедничка верзија на текстот, кој потоа ќе биде проследен до Националното собрание, а потоа до Сенатот до крајот на месецот.
Некои аналитичари ја споменуваат и можноста властите да користат посебни уставни овластувања за да го усвојат нацртот без гласање.
Подготвено од А.Ѓ.