04.03.2023 Скопје
Со лансирањето на проектот „Зракот на надежта“, кој се спроведува во соработка со Енел, Европската комисија ќе и испорача на Украина 5.700 соларни панели, за производство на чиста енергија и електрична енергија и за справување со недостигот на електрична енергија во земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја соопшти оваа информација и додаде дека заедно со Украина се залагаат за обновување на снабдувањето со електрична енергија, поправка и обновување на оштетената инфраструктура и развој и распоредување на обновлива енергија.
„Пред еден месец објавив иницијатива за испорака на соларни панели во Украина. Сега можам да објавам дека првата серија соларни панели наскоро ќе биде испорачана во Украина. Енел ќе донира 5.700 соларни панели на Украина. Соларни панели произведени во Европа, во Катанија, со поддршка на Европскиот фонд за иновации“, истакна Фон дер Лајен.
„Овие панели можат да покриваат повеќе од 11.000 квадратни метри покриви на јавни згради и ќе снабдуваат електрична енергија за училиштата, болниците и пожарникарите. Убедена сум дека другите европски компании, како и земјите-членки, ќе бидат инспирирани од овој прв чекор, за Украина да има чиста електрична енергија произведена дома“, заклучи Фон дер Лајен.
Како што се наведува во соопштението од Европската комисија, панелите донирани од Eнел ќе бидат транспортирани со логистичка поддршка на Механизмот за цивилна заштита на Унијата (UCPM) и Енергетската заедница.
Подготвено од М.Н.