02.03.2023 Скопје
Иднината на Србија е во ЕУ и треба да се преземат дополнителни важни чекори, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по телефонскиот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ на Инстаграм објави дека темите на телефонскиот разговор биле неопходните реформи, дијалогот Белград-Приштина, како и продолжување на патувањето на Србија кон европските интеграции.
„Иднината на Србија е во ЕУ и треба да се направат дополнителни важни чекори на тој пат“, рече Фон дер Лајен.
Србија останува посветена на дијалогот со Косово поддржан од ЕУ и изнаоѓање компромис за нормализација на односите, напиша Вучиќ на Инстаграм, додавајќи дека треба да се разгледаат „јасно наведените ограничувања“, се со цел да се зачува мирот и стабилноста во регионот и проширување на соработката.
Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во понеделникот имаа средби во Брисел заедно со претставници на ЕУ, но европскиот предлог за Косово не беше потпишан. Нова рунда преговори се очекува да се одржи на 18 март во Република Северна Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.