06.03.2023 Скопје
Во една нова студија се наведува дека крајно време е Финска да ги диверзифицира своите синџири на производство и снабдување за да се ослободи од својата трговска зависност со Кина, иако изнаоѓањето алтернативи е тешко.
Статистиката на финската царина покажа дека Финска во голема мера се потпира на Кина за машини, текстил, мебел и други производи за домаќинството, со речиси две третини од лаптопите и речиси 50% од телефоните увезени од Кина.
Студијата на Институтот за економии во развој на Банката на Финска (BOFIT) покажува дека зависноста на Финска од Кина е толку силна што финските трговски и електронски компании ќе настрадаат многу од прекинот на увозот од Кина. Воедно, се додава дека сепак, наоѓањето алтернативни извори би било тешко бидејќи многу земји веројатно би биле истовремено погодени.
Во соопштението за печатот на Министерството за надворешни работи, кое ја координираше студијата, потсекретарот за меѓународна трговија, Нина Васкунлахти ги охрабри компаниите да продолжат да ги проценуваат нивните синџири на снабдување за потенцијални комерцијални нарушувања.
Васкунлахти рече дека е крајно време да се испита ситуацијата и да се разговара за влијанието на Кина врз Финска, дури и ако немало значителни кинески инвестиции во финската инфраструктура и директните врски меѓу финансискиот сектор на Финска и Кина се умерени.
Финска треба да се стреми колку што е можно да ја намали својата зависност од надворешни извори за да стане посамодоволна и да го зголеми домашното производство, вклучително и компонентите, рече Васкунлахти, истакнувајќи дека Финска има 14 од 30 критични суровини наведени во моментов од Европската комисија.
Подготвено од А.Ѓ.