13.03.2023 Скопје
Денеска Ер Србија, со летот JU150 во 7:45 часот, воспостави нова редовна линија меѓу Белград и Будимпешта, со која во претстојната летна сезона српската национална авиокомпанија ќе лета до 17 пати неделно.
Во соопштението се наведува дека првиот лет на Ер Србија за Будимпешта беше пречекан на аеродромот „Франц Лист“, кој се наоѓа на 16 километри југоисточно од центарот на унгарската престолнина.
Директорот за комерцијала и стратегија на Ер Србија, Бошко Рупиќ, истакна дека со денешниот лет за Будимпешта „ја лансиравме првата од над 20 дестинации до кои ќе летаме во текот на претстојната летна сезона, а кои не беа во нашата мрежа во 2022 година, воедно, ќе ја следиме побарувачката и во согласност со неа постепено ќе го зголемуваме бројот на фреквенции меѓу двата града.
Тој изрази надеж дека воведувањето директни летови ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу Србија и Унгарија, како и дека значително ќе го забрза движењето на патниците низ Европа.
Како што е најавено, со воведувањето на редовна авиолинија меѓу главните градови на Унгарија и Србија, Ер Србија на патниците им нуди можност за добри врски од Будимпешта, преку Белград до Шпанија, Италија, Грција, Кипар, Соединетите Американски Држави, како и земји од регионот.
Подготвено од А.Ѓ.