stejt department

01.03.2023 Скопје

Во редовниот извештај на американскиот Стеј департмент за тероризмот во светот, објавен во текот на вчерашниот ден, се наведува дека насилната екстремистичка идеологија и регионалните националистички групи се главниот извор на потенцијална терористичка закана за Босна и Херцеговина.

Во документот, кој се базира на анализи за 2021 година, се наведува дека таа година била одбележана со тешка политичка криза во Босна и Херцеговина, а како главни причинители за ваквата состојба биле посочени „етнонационалистичките политички лидери“, со констатација дека до тоа довеле со својата реторика за етнички поделби, која е без преседан.

Во извештајот се предупредува и дека поради политичката криза предизвикана од сецесионистичката реторика на лидерите од Република Српска и нивното попречување на работата на владините органи на државно ниво, како и поради нефункционалноста на Федерацијата БиХ поради затегнатите односи меѓу Хрватите и Бошњаците со цел да се постигнат „тесни политички интереси“, во земјата е ограничен и е постигнат мал напредок во правните и регулаторните реформи важни за борбата против тероризмот. Тоа директно го загрозува ефективното спротивставување на потенцијалните терористички закани.

Во извештајот на Стејт департментот се посочува и на слабата соработка на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) со Обвинителството на БиХ, за кое наведува дека не воспоставила ефективни истраги во случаите на сомневање за финансирање терористички активности.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author