piramida

03.03.2023 Скопје

Тим меѓународни археолози користеа високотехнолошки инструменти за да пронајдат запечатена комора над влезот во пирамидата на Куфу. Очекуваат во иднина да најдат уште вакви комори.

Египетските власти за антиквитети во четвртокот јавно го објавија откривањето на скриена комора во 4.500 години старата пирамида на Куфу, порано позната како Кеопсовата пирамида – или Големата пирамида во Гиза.

Откритието, кое им се припишува на научниците од проектот ScanPyramids, го објавија археологот Захи Хавас и министерот за туризам Ахмед Еиса.

ScanPyramids, инициран во 2015 година, е меѓународен проект кој користи различни високотехнолошки инструменти кои користат неинвазивна инфрацрвена термографија, ултразвук, 3D симулации и радиографија со космички зраци за проучување на структурите.

Научниците велат дека ја искористиле таа технологија за да откријат затворен коридор над главниот влез во пирамидата. Коридорот, кој не е пристапен надвор од структурата, е долг девет метри и широк два метри.

Откако беше откритиено, научниците внесоа јапонски ендоскоп со мал дијаметар (6 милиметри: 1/4 инчи) низ пукнатината помеѓу камењата за да добијат слики од просторот однатре.

Археолозите велат дека не знаат за каква цел служел коридорот.

Мостафа Вазири, шеф на египетскиот Врховен совет за антиквитети, посочи дека коридорот можеби е дизајниран да ја прераспредели тежината над главниот влез или околу друга сè уште неоткриена комора.

Кристоф Грос од Техничкиот универзитет во Минхен, водечки член на проектот ScanPyramids, рече дека се надева дека ќе открие уште повеќе скриени тајни. Зборувајќи за новооткриениот коридор, тој рече: „На крајот од комората има два големи варовници, а сега се поставува прашањето што има зад тие камења и под комората?“.

Сместена веднаш надвор од Каиро, пирамидата на Куфу, именувана по фараонот од четвртата династија кој владеел од 2509 до 2483 година п.н.е., е една од трите структури што го сочинуваат пирамидалниот комплекс Гиза.

Структурата е единствената од седумте чуда на античкиот свет што преживеала до денес.

Првично изградена на висина од 146 метри, а сега со висина од 139 метри, пирамидата на Куфу била највисоката вештачка градба во светот до 1889 година, кога била завршена Ајфеловата кула.

Прашањето за тоа како точно биле изградени пирамидите ги збунува експертите со векови.

Мистеријата околу нив ги направи и главна туристичка атракција во Египет, која во голема мера зависи од туристичкиот сектор за приходи.

Секторот претрпе многу како резултат на политичките турбуленции откако силниот претседател Хосни Мубарак беше соборен во бунтот во 2011 година. Насилството и пандемијата на коронавирус дополнително го осакатија туризмот во нацијата со ограничени пари.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author