02.03.2023 Скопје
Бугарскиот Врховен управен суд (САЦ) конечно одлучи дека Сара, родена во Шпанија и израсната од две мајки, нема право да добива бугарски извод од матична книга на родени и државјанство.
Случајот вклучува три европски земји – Бугарија, Шпанија и Велика Британија, а наскоро може да биде изведен пред институциите на ЕУ.
Детето е родено во 2019 година во Шпанија во семејство на две мајки, Калина и Џејн. Истополовите бракови се дозволени во Шпанија, но не и во Бугарија.
Сара има документ дека е родена во Барселона, во кој пишува дека детето има две мајки. Двете жени им тврделе на бугарските власти дека Шпанија не може да му издаде државјанство на детето бидејќи жените не биле Шпанци.
Џејн е британска државјанка, но канцеларијата за пасоши во Белфаст веќе одби да и издаде документи на Сара бидејќи нејзината британска мајка државјанството го добила преку потекло. Според британскиот закон, ако детето не е родено во ОК од двајца британски родители, државјанството може да го пренесе само една генерација. Во случајот на Сара, тоа право престана со нејзината мајка.
Бугарскиот суд, исто така, одбива да издава документи за бугарско државјанство бидејќи биолошката мајка е Британка, а не Бугарка. Бугарија не ја признава Бугарката како „мајка“ затоа што таа не е биолошка мајка на детето.
Резултатот е дека детето веќе три години живее во Бугарија, но е без државјанство, а неговите граѓански права се сериозно ограничени. Сара не може да патува во странство затоа што нема документи и можеби нема да може да оди на училиште, да има пристап до здравствена заштита или да гласа во иднина.
Според бугарското законодавство, потеклото на детето од мајката се одредува од раѓање. Регистрацијата на две женски родители е недозволива, бидејќи истополовите бракови не се признаваат.
Во исто време, бугарските врховни судии одлучија дека одбивањето да се издаде бугарски извод од матична книга на родените не резултира со лишување на детето од какво било државјанство. Судиите ги оспорија тврдењата на двете мајки на Сара дека детето нема право на шпанско државјанство.
Врховниот суд вели дека шпанскиот Граѓански законик дозволува давање шпанско државјанство на деца кои се родени во Шпанија и не можат да добијат државјанство на ниту еден од нивните родители.
„Со оглед на фактите утврдени во случајот дека националното законодавство на ниту еден од родителите именувани во изводот од матичната книга на родените на детето изготвен во Шпанија, каде што е родено, не дава државјанство, тој треба, врз основа на шпанскиот Граѓански законик, да биде државјанин на Шпанија, членка на ЕУ“, се вели во пресудата на Врховниот суд.
Бугарскиот суд тврди дека Шпанија нема право да одбие да и даде државјанство на Сара, а зависи само од волјата на нејзините роднини да го побараат тоа. Пред одлуката на Врховниот суд, бугарската невладина организација „Деиствие“ (Акција), која ги брани правата на ЛГБТИ лицата, најави дека ќе поднесе жалба до Европската комисија.
Подготвено од А.Ѓ.