10.03.2023 Скопје
Во извештајот на Групата земји за борба против корупцијата на Советот на Европа се наведува дека во Босна и Херцеговина има правен вакуум кога станува збор за борбата против корупцијата, а правилата за судир на интереси не се добро решени.
Како што беше истакнато во извештајот, Босна и Херцеговина заостана во исполнувањето на обврските кога станува збор за транспарентноста и борбата против корупцијата, илустрирајќи го ова тврдење со податокот дека во првиот круг од евалуацијата на ГРЕКО, Босна и Херцеговина исполнила 83,3 отсто од препораките и дека во третиот круг исполни само 43,7 отсто од препораките, со што се потврди трендот на влошување.
Во овој документ, кој беше објавен во текот на вчерашниот ден, беше посочено и дека Стратегијата за антикорупција 2020-2024 година и Акцискиот план се уште не се усвоени. Недостига целосен пристап кон антикорупциските политики на државно ниво. Нема конкретна стратегија за највисоките државни институции во Босна и Херцеговина.
ГРЕКО предупредува дека се усвоени само ограничени мерки за усогласување на Босна и Херцеговина со обврските кои сè уште не се исполнети.
Нагласено беше и дека во 2022 година, Фридом Хаус ѝ даде оценка на Босна и Херцеговина од еден од можните четири за ефикасноста на заштитните мерки против корупцијата, што укажува дека корупцијата е сè уште широко распространета и системска, а антикорупциските закони се слабо применети. Беше забележано и дека селективно гонење на корупциски случаи кои имаа одек во јавноста од страна на судството.
Кога станува збор за транспарентност во пристапот до информации, ГРЕКО препорачува независно тело да ги истражи сите проблеми поврзани со недостатокот на одговор на властите кон новинарите кои бараат информации.
Се нагласува дека институциите во Босна и Херцеговина се главно парализирани, а законите речиси никогаш не се носат поради постојаните блокади.
Во документот се нагласува дека реформите, вклучително и оние неопходни за напредок кон членство во ЕУ, се запрени, на пример, кога станува збор за Предлог-законот за спречување судир на интереси.
ГРЕКО препорачува да се донесат правила за проверка на интегритетот на јавните службеници кои доаѓаат на највисоките позиции, како што се членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, министрите и замениците министри со цел да се идентификуваат сите потенцијални ризици кога станува збор за судир на интереси.
Посебно, потребна е регулација на антикорупциските мерки кога станува збор за полициските агенции, со потреба, како што истакнаа, од идентификување на ризиците и надворешна евалуација на нивните успеси.
Во овој документ беше нагласено дека постојните етички правила на Граничната полиција и СИПА мора да бидат дополнети со практични упатства кои ги вклучуваат сите прашања и ризици со конкретни примери. Обуката за етика и интегритет за регрутите треба да се заснова на практични упатства кои треба да се усвојат во етичките кодекси и треба да бидат задолжителни за сите.
Беше посочено и дека службените лица треба да ги пополнат формуларите на изјавата за нивниот имот и за членовите на нивните семејства, но дека нема обврска за дополнување на податоците доколку во меѓувреме има значителна промена на имотната состојба.
Подготвено од А.Ѓ.