21.03.2023 Скопје
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека во анексот на договорот, договорен во Охрид, јасно пишува дека Приштина се обврзува веднаш да создаде Заедница на српски општини.
По средбата на дипломатите на ЕУ, Борел рече дека ги информирал министрите за постигнатиот договор во Охрид, кој како што нагласи, „е основата за нормализација на односите меѓу Србија и Косово“, и прецизираше дека договорот стапил во сила кога тој ја дал изјавата во Охрид.
Високиот претставник повтори дека договорените одредби ќе бидат составен дел на патот на ЕУ меѓу Белград и Приштина.
„Треба да се почне со најитните работи. Има неколку кои се многу, многу итни. Во анексот јасно пишува дека Косово се обврзува веднаш да создаде Заедница на српски општини на северот на Косово. Ќе следиме како партиите ќе ги исполнуваат своите обврски, кои се составен дел од нивниот пат кон Европа“, нагласи Борел.
Подготвено од М.Н.