https://www.facebook.com/photo.php?fbid=719829586161132&set=pb.100044022914395.-2207520000.&type=3

30.03.2023 Скопје

Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој денеска се враќа во Бразил по тримесечен престој во Соединетите Американски Држави, изјави дека нема да ја води опозицијата, туку ќе соработува со неговата конзервативна Либерална партија.

Болсонаро ја даде изјавата на аеродромот во Флорида пред да се качи на летот за Бразил, каде што се враќа за првпат по поразот на реизборот во октомври на актуелниот шеф на државата Луис Ињасио Лула да Силва.

„Нема да водам никаква опозиција. Ќе и помогнам на мојата партија како личност со искуство“, рече Болсонаро.

Тој рече дека планира да патува низ Бразил за да и помогне на неговата партија да победи на локалните избори следната година.

Десничарскиот поранешен претседател Болсонаро, кого Лула тесно го порази на претседателските избори во октомври, е под истрага и се соочува со правна постапка и можна затворска казна по враќањето во неговата земја.

Тој го напушти Бразил на 30 декември, уште пред крајот на неговиот претседателски мандат, бојкотирајќи ја церемонијата на инаугурација на Лула на која требаше да му ја предаде претседателската лента.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author