14.03.2023 Скопје
Вицепремиерот Фатмир Битиќи истакна дека е примарно работната сила да се осигура од домашниот пазар, но информира дека веќе отворено се дебатира со стопанските комори за увоз на евтина работна сила од странство.
Битиќи, исто така, додаде дека македонските граѓани треба да се прилагодат на потребите на пазарот на трудот, особено затоа што вештините и знаењата долги години наназад на тие што се невработени, „не одговараат на потребите и тој пазар има потреба да ја надополни работната сила“. Воедно, истакна дека се повеќе компании велат дека многу тешко наоѓаат работна сила од она што го има на располагање во Агенцијата за вработување и затоа Владата прави план за вработување преку различна доквалификација за да се спремат тие работници за пазарот на трудот, потенцирајќи дека сепак до тогаш има потреба да се увезе работни сила затоа што миграцијата е очигледна, не само во Република Северна Македонија туку во сите земји на Западен Балкан.
Во моментов, најзагрозени се секторот градежништво и секторот хотелиерство и туризам.
Според Битиќи, тоа се работници кои одат да работат сезонски во соседните земји, но и во Хрватска. Исто така, тој истакна дека во тој сектор и кај нас платите се конкурентни, но не се толку како во земјите на ЕУ.
Вицепремиерот додаде дека просечната плата кај нас е 550 евра, платата во која што одат да работат македонските работници е 1100 евра, а земјите од кои ќе доаѓаат работници во градежништво, во рударство, имаат просечна плата 200 евра и тоа е природен циклус за движење на работна сила.
Подготвено од А.Ѓ.